Свечена миса во чест на 31-та годишнина од независноста на Република Северна Македонија

14 декември 2022

Рим, 12.09.2022 година, во базиликата Свети Дванаесет апостоли, во организација на Амбасадата на Република Северна Македонија при Светата Столица и Секретаријатот на Светата Столица за односи со држави и меѓународни организации, се одржа свечена миса во чест на 31та годишнина од независноста на Република Северна Македонија.

Свечената миса ја служеше Н.Е. монсињор Пол Ричард Галагер, секретар за односи со држави и меѓународни организации на Светата Столица, а како сослужители на мисата учествуваа свештени лица од Католичката црква како и повеќемина парохиски свештеници.

На свечената миса беа присутни истакнати гости - претставници од повеќе конгрегации, верски институти и невладини организации при Католичката црква. Преку педесетина претставници на дипломатскиот кор акредитиран при Светата столица, меѓу кои и амбасадорите на Соединетите Американски Држави, Германија, Велика Британија, Италија, Белгија, Јапонија, Шпанија, Грција, Србија, како и повеќемина гости од општествено-политичкиот живот во Италија, поранешни амбасадори, професори, доктори и претставници на македонската дијаспора во Италија.

По завршувањето на свечената миса, пред присутните гости свое обраќање имаше амбасадорката на Република Северна Македонија при Светата столица, Н.Е. Марија Ефремова.