Амбасадорката Марија Ефремова е родена во Скопје, 12 октомври 1960 година. Таа е во брак со Др. Димитар Ефремов, MD, Ph.D. Тие го имаат синот д-р Кристијан Ефремов, кој е хирург ортопед во Бостон, САД.
Во декември 2020 година, Ефремова беше назначена за амбасадор при Светата Столица, Ватикан. Дотогаш беше адвокат во Адвокатското друштво „Де Леге“ во Скопје, Р.С. Македонија и потпретседател на Меѓународното здружение за соработка и културна дипломатија во Трст. Амбасадорката Ефремова дипломирала на Правниот факултет на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“во Скопје. Има положено правосуден испит во македонското Министерство за правда каде го положила и нотарскиот испит. Има добиено сертификат од Европскиот центар за безбедносни студии Џорџ К. Маршал-СЕС 1999-5 година, а воедно Ефремова е магистер по меѓународно право за животна средина со кое се здоби на Италианскиот институт на меѓународна организација (SIOI) во Рим, Италија.
Во 1988 година станала помлад соработник во Окружниот суд Скопје. Во 1990 година, откако го положила правосудниот испит, стана стручен соработник во Апелациониот суд, Скопје каде работела до 1998 година, кога ја продолжува кариерата во Министерството за надворешни работи како помошник министер во одделот за меѓународно право и конзуларни работи. Во 2002 година беше назначена во македонската амбасада во Рим, Италија како министер советник. Во 2008 година е назначена за Амбасадор на Република Северна Македонија во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, а во 2009 за нерезидентен амбасадор во Ирска и нерезидентен амбасадор во Исланд. Во декември 2013 година Амбасадорката Ефремова се приклучи на Адвокатското друштво „Де Леге“ во Скопје, а била и дипломатски консултант на Американ колеџ во Скопје.
Социјални активности:
Ефремова била член на Комитетот за „Мајчини јазици“ и професор по македонски јазик и литература на Обединетиот светски колеџ на Јадранот, Дуино, Италија. Била дописник за балканските земји за здружението „La Famiglia Nella Societa“ (Семејството во општеството) со седиште во Рим, Италија и потпретседател на жените во дипломатска служба во Лондон. Пред да се приклучи на Ротари клубот во Скопје, таа била член на Ротари клубот од Лондон.
Амбасадорката Ефремова, освен мајчиниот македонски јазик, зборува англиски, италијански, хрватски и српски јазик, а го разбира и бугарскиот и словенечкиот јазик.
Официјална пошта: [email protected]